„Во модерните европски јазици, зборовната група глагол може да биде дефинирана пред сè од гледна точка на морфологијата. Глаголот е единствениот збор чија форма зависи од толку голем број граматички категории, од кои некои ги среќаваме и во морфолошката структура на други зборови. Да се измени еден глагол значи да се направи множество од неговите најразлични форми со помош на морфемите што ги означуваат тие различни граматички категории. Таквото множество кое претставува затворена парадигма на формите се нарекува конјугација. Во многу јазици, глаголот има најбогата парадигма за разлика од другите зборови, иако, некои од тие се хомоними и нивниот број се менува во однос на неговата сложеност.”
Michel ARRIVE et al., La Grammaire d'aujourd'hui (Граматиката денеска), Paris, Flammarion, 1986, стр. 679-680.
„Глаголот е збор кој означува дејство или состојба. Неговата форма е во тесна врска со подметот во реченицата со кој врши усогласување по род и по број. Во зависност од тоа дали подметот го извршува или го трпи дејството на еден глагол, глаголските форми ги среќаваме во активен и во пасивен залог.”
Јорданка Фулон-Христова, Grammaire pratique du macédonien (Практична граматика на македонскиот јазик), Paris, Langues & Mondes / L'Asiathèque, 1995, стр. 112.
Во македонскиот јазик формално разликуваме три групи глаголи. Нивната класификација се врши според последната самогласка на една глаголска форма во трето лице еднина сегашно време. Овој критериум на класификација на глаголите е воведен од американскиот македонист Хорас Лант (Horace LUNT, Grammar of the Macedonian Literary Language (Граматика на македонскиот литературен јазик), Скопје, МАНУ, 1952). Во македонскиот јазик се разликуваат следниве глаголски групи:
Група 1 | им-а |
---|---|
Група 2 | од-и сто-и |
Група 3 | јад-е пи-е, спи-е |
Најголемиот проблем при изучување на македонскиот глаголски систем лежи во видот/аспектот. Сегашниот пристап кон оваа категорија не им овозможува подеднакво сфаќање на македонскиот глаголски механизам на родените и на странските говорители поради една причина: мешањето на поимите од областа на зборообразувањето и на морфологијата. Но, пред да го изложиме нашиот став и да го анализираме нејзиниот удел во македонската конјугација, би сакале да ја дефинираме оваа категорија:
„Видот (аспектот) е начинот (развојот или реализацијата) на кој се извршува дејството на определен глагол. Глаголите што означуваат дејства во текот на нивното извршување се нарекуваат несвршени (или глаголи „од несвршен вид”) и имаат имперфективен аспект, додека глаголите што означуваат дејства во еден определен момент на нивното извршување се нарекуваат свршени (или глаголи „од свршен вид”) и имаат перфективен аспект.”
Јорданка Фулон-Христова, Grammaire pratique du macédonien (Практична граматика на македонскиот јазик), Paris, Langues et Mondes/L'Asiathèque, 1952, стр. 124.
Главен проблем со аспектот: Во Македонски јазик за средното образование, авторите го застапуваат гледиштето на поголемиот број македонски лингвисти, во кое стои дека „видските разлики се дадени во самите форми на глаголот” (стр. 14). Меѓутоа, доколку ги споредиме глаголите „даде” и „јаде”, ќе констатираме дека еден странец кој го изучува македонскиот јазик (а истото важи и за родените говорители), нема никаков формален признак за да го препознае нивниот вид. Пример: глаголот „даде” е свршен (перфективен) глагол, додека глаголот „јаде” е несвршен (имперфективен) глагол или, во одредени говори како, на пример, во охридскиот, двовидски (биаспектуален) глагол.
Решение за овој проблем: Нашиот предлог е секој што го изучува глаголот да има на ум дека аспектот е категорија од „прв степен” во глаголскиот механизам на македонскиот јазик. Аспектот одредува во кое време и на кој начин ќе се менува даден глагол, при што би го ставиле на прво место во хиерархијата на граматички категории како еден вид „вродена” особина на секој глагол во македонскиот јазик. Оттука, глаголите се делат на три вида во зависност од аспектот на нивното дејство:
Несвршени глаголи | има чекори спие |
---|---|
Свршени глаголи | прочита поцрвени најаде |
Двовидски глаголи (несвршени И свршени) |
ажурира верифицира моторизира |
Блаже Конески во својата Граматика на македонскиот литературен јазик, (стр. 405, параграфи 316-320), предлага поделба на глаголите на „подгрупи” или на „раздели”. Оваа поделба се врши според основниот вокал во прво лице еднина од аористните форми на глаголите. Еве ги разделите што можеме да ги забележиме во македонскиот глаголски систем:
Сите глаголи | Кај сите глаголи имаме еден единствен раздел -А |
---|
Лексичка форма | 1-во лице еднина во аорист | |
---|---|---|
Раздел -И | прат-и | прат-и-в |
Раздел -Е | изгор-и | изгор-е-в |
Раздел -А | издрж-и | издрж-а-в |
Лексичка форма | 1-во лице еднина во аорист | |
---|---|---|
Раздел -А | стан-е | стан-а-в |
Раздел -Е | запр-е | запр-е-в |
Раздел -О | реч-е | рек-о-в |
Раздел без основен вокал | чу-е | чу-⦰-в |
Погоре спомнавме дека начинот, времето и аспектот се три меѓузависни граматички категории што се исклучуваат или се надополнуваат една со друга. Причината поради која аспектот го ставивме на прво место и го окарактеризиравме како „првостепена категорија” на глаголот е едноставна: во зависност од аспектот на еден глагол ќе можеме да одлучиме во кое време и на кој начин ќе можеме да го измениме. Таквата меѓузависност може да се претстави во следнава табела:
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
Сегашно време | да | не |
Идно време | да | да |
„Минато-идно” време | да | да |
Идно „прекажано” време | да | да |
Аорист | не | да |
Имперфект | да | не |
Предминато време | не | да |
„сум” - перфект | да | да |
„има”- перфект | да | да |
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
Позитивна форма | да | да |
Негативна форма | да | Употреба на несвршен „еквивалент” |
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
да | да (некои свршени глаголи имаат две различни форми) |
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
да | не |
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
да | да |
Несвршени глаголи | Свршени глаголи | |
да | да |
А сега, кога веќе ги знаете (речиси) сите тајни на македонскиот глагол… Глаголувајте!