FlexiMac 1.1. - conjugueur automatique des verbes macédoniens

FlexiMac 1.1. - веб-платформа за автоматско менување на македонските глаголи


FlexiMac 1.1. …Авантура и тоа каква!

На почеток беше само игра којашто ја почнавме врз неколку парадигми на македонскиот глагол, како резултат на нашата специјализација во доменот на Автоматската обработка на јазици. Но, потоа стана лингвистичко помагало за анализа, изучување и предавање на македонскиот глаголски систем. Неговите почетоци датираат од 2007-ма година под менторство на професорот Патрис ПОЊАН во рамките на докторската програма на Докторската школа 265 - Светски јазици, литератури и општества на ИНАЛКО. Овој труд претставува резултат на едно долгорочно истражување врз потенцијата на програмските јазици автоматски да ја пресметуваат флексијата на македонскиот глагол. Неговото оформување се должи на многубројни дискусии со колеги од целиот свет што работат во доменот на флексивната морфологија и во информатичката лингвистика, како и на низа истражувања врз постоечките граматички описи на македонскиот глаголски систем. На овој труд гледаме како на еден вид експлоративна авантура која нема да престане со одбраната на докторската дисертација што има за цел да ги завери нашите теории и нивната ефикасност, туку ќе помогне и самите да научиме повеќе за нашиот јазик кој, како што многу пати имаме речено, го зборуваме но не го познаваме доволно. Нека нашите теории служат за понатамошно подробно опишување на македонскиот јазик кој чука на вратата на европските јазици и, полека но сигурно, се наметнува (се надеваме!) како еден од идните официјални јазици на Европската унија. FlexiMac ќе биде основа за понатамошни истражувања, особено за потребите на преведувањето кон францускиот, англискиот и шпанскиот јазик.

Иако оваа академска работа беше започната во рамките на нашиот труд под скапоценото менторство на Проф. Поњан, неговата реализација е плод на многубројни дискусии со ценети колеги и научници од областа на македонистиката и општата лингвистика како Фроса Пејоска-Бушеро, Жан-Лео Леонар, Виктор Фридман и Катерина Здравкова. Огромна благодарност до Петар Стојковиќ и до Иван Ивановиќ за нивните несебични совети за подобрување на естетскиот аспект на FlexiMac, а пред сè за нивниот пример за хуманост и великодушност!

Проверката на глаголските форми како и вметнувањето на новите јазични тенденции се вршеше благодарение на драгоцената помош на нашите информатори Бобан Карапејовски, Александар Николиќ, Благица Силјаноска, Ема Лакинска, а особен придонес даде ценетата Соња Стојадиновиќ - автор на базата на податоци Perfecto која ги содржи лексичките форми на сите македонски свршени глаголи.

Би сакале, како поттик за понатамошна соработка, од сè срце да им заблагодариме на сите колеги од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Универзитетот Свети Кирил и Методиј (Скопје, Македонија), како и на досегашните и идни студенти на Катедрата за македонски јазик на ИНАЛКО, што несебично, со самото изучување на македонскиот јазик, литература и култура, ни помагаат да ги завериме нашите методи на анализа и на предавање на македонската граматика во рамките на програмата за додипломски, пост-дипломски и докторски студии по македонски јазик - единствена програма од ваков тип во рамките на еден државен универзитет во ЕУ. На крај, би сакале лично да им забгладорамие сите тие што несебично ни го пренесувале нивното знаење, почнувајќи од нашите учители на Универзитетот Пол Валери (Монпелие) и Тулуз 2 - Мирај (Тулуз) во чии рамки ги стекнавме потребните знаења за да можеме да ја истераме до крај оваа обемна научна работа.

Како функционира FlexiMac 1.1.

Одберете го начинот (и времето/формата) што сакате да го/ја анализирате/научите преку менито на левата/горната страна на страницата, внесете го глаголот на кирилица и притиснете на „Измени!”: бараните форми ќе бидат претставени табуларно, со податоци за лицето, за бројот и за родот (зависно од морфолошките признаци на сите овие категории). За подетални информации околу македонскиот глаголски систем, разлистајте ги рубриките „FlexiMac 1.1. Новости & НПП” и „Исклучоци” кои ќе можете да ги отворите во менито од левата страна на веб-страницата. Во нив ќе најдете и видео-прикази за тоа како треба да се користи FlexiMac.

Глаголувајте!


Јован Костов ©
INALCO, Париз, 2012